Wednesday, October 18, 2017
"Сердарот"- Григор Прличев (анализа на ликовите)
Во делото "Сердарот" се раскажува за смртта на македонскиот херој Кузман кој ги заштитува селаните од немилосрдните банди на Гегите. Дејството се случува кон средината на XIX век. Локализацијата е во западна Македонија, регионот помеѓу Галичник, Река и селото Стан. "Сердарот" има врвни уметнички квалитети. Поемата е обединување на фолклорот, Хомеровиот стил и сопствената силна уметничка дарба на Прличев. Богатството на јазикот, стилските изразни средства, силината на претставувањето на ликовите, фабуларниот тек со ретроспективни навраќања ја ставаат оваа творба на највисоко место во периодот на Романтизмот, но и денеска.
Неда е централен лик во поемата. Таа е мајка на јунакот, но и самата е јунак. Многу е храбра и гордо ја поднесува смртта на синот, бестрашно им се спротивставува на непријателите, закрилник на народот што ќе го земе мечот во својата рака за да го одмазди синот и ќе ја продолжи неговата борба и ќе стане водач. Карактеристично за Неда е неjзината решителност и чесност. Освен сите овие возвишени атрибути, Неда е сепак мајка, чувствителна, која безмерно го љуби своето единствено дете. Нејзиниот крик и плач е мајчин, зашто нема ништо пострашно од смртта на детето. Но, и во таа болка Неда не мисли само на себе, туку и на целиот нејзин народ кој останал незаштитен и кој треба да преземе дел од таа болка. Во ликот на Неда, Прличев го насликал и ликот на својата мајка кон која чувствувал голема љубов и почит.
Кузман е загинат уште на почотокот од поемата, затоа за него дознаваме преку раскажувањата на другите ликови, ретроспективно. Тој е олицетворение на возвишено јунаштво кое е почитувано дури и од непријателот. Силен и храбар во борбите со него. Тој е заштитник на народот и својот живот го жртвува за доброто на сите. Исто така и кај него се гледаат обичните човечки особини како што е љубовта и почитта кон мајката, како и љубовта кон девојката Марија со која сакал да го минува животот и да создаде семејство. Гегите во ова дело не се негативни ликови. Всушност ти се непријатели, пљачкаши, немилосрдни, убијци, но и тие ги носат возвишените атрибути на чесност и покажуваат своја добра страна со носејќи го со сите почести мртвото тело на Кузман во домот на Неда. Тие со оваа добрина ризикувале да бидат убиени населението кое било гневното и желно за одмазда. Тие и самите борци, имаат респект кон борецот, така ја покажуваат својата човечност која е многу битен дел од карактерот на еден човек. Особено се истакнува стариот Албанец, со својата мудрост и желба да ја утеши ужалената мајка, величајќи го неговиот смртен непријател.
Со особено мајсторство и во хомеровски дух, Прличев ги насликал ликовите во неговата поема. Сите ликови се силно впечатливи, носители на возвишени, но и реални особини кои што повеќето од луѓето би требало да ги поседуваат. Поемата е оригинално напишана на грчки јазик, под насловот „О Арматалос“ (Ο Αρματωλος), но при крајот на животот Прличев ќе направи обид да ја преведе на македонски јазик. Структурата на оваа поема е навистина структура на угледно уметничко дело. Тој успеал на еден драматичен начин да ги кондезира сите детали од поемата во еден чуствителен момент, потчинувајќи го вистинското време, на барањето на уметничката инспирација.
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment